RSSTwitterFacebookGoogle+                 
           Синдикална организација АД ЕЛЕМ - Синдикална подружница РЕК Битола

Обезбедени пари за модернизација на РЕК Битола

rek

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, генералниот директор на АД ЕЛЕМ Влатко Чингоски и Мајкл Зипф, заменик-претседател на Дојче Банк потпишаа Договор за гаранција меѓу Република Македонија, претставувана од Министерството за финансии и Дојче банка и Договор за заем меѓу АД ЕЛЕМ и Дојче Банка за проектот „Модернизација на блок 2 и блок 3 во ТЕ Битола".

Вицепремиерот Ставрески нагласи дека со тоа се обезбедени финансиските сретства за реализација на проектот Ревитализација и модернизација на РЕК Битола и намалување на емисија на азотни гасови. Имено, со заемот од Дојче Банка за овој проект беа обезбедени 49 милиони евра, а останатите 3 милиони евра за да се достигне вкупната сума од 52, 096 милиони евра колку што се потребни за целосна реализација на проектот беа обезбедени од страна на ЕЛЕМ.

-Јасно е дека во денешно време само со инвестиции во енергетскиот сектор може да се обезбеди енергетската стабилност, да се обезбеди зголемено производство на електрична енергија од домашни извори и да бидеме помалку зависни од увозот на електрична енергија. Сигурноста и стабилноста во производството на електрична енергија и снабдувањето со електрична енергија е еден од клучните фактори за конкурентноста на економијата и во таа насока секоја инвестиција во модернизација на постоечки објект исто како и изградбата на нови објекти е од значење за иднината на македонската економија, стопанството и секако сите субјекти кои користат електрична енергија и кои на ваков начин ќе имаат поголема сигурност во обезбедувањето со истата, изјави вицепремиерот.

Парите од заемот ќе бидат враќани во наредните 12 години, на 24 полугодишни рати, што како што нагласни вицепремиерот Ставрески се мошне поволни услови ако се земе во предвид финансиската криза што во моментов е актуелна во Европа.